Студентките Виолета Петрушеска и Климентина Ташкова од студиската програма Прехранбена технологија при Технолошко-техничкиот факултет на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, во периодот од 2 до 6 февруари 2026 година, реализираа мобилност на Santarém Polytechnic University, Португалија.
Мобилноста беше организирана во рамките на ACE2-EU Alliance, како дел од активноста BLUE BIOECONOMY – Algae for Food Innovation: Sustainable Ingredients from Aquatic Biomass.
Главна цел на активноста беше да им се овозможи на студентите колективно да работат на решавање предизвици од реалниот сектор, во согласност со приоритетните области на Европската Унија, преку интердисциплинарен пристап, размена на знаења и развој на иновативно размислување.
Во текот на престојот, студентите активно учествуваа во интернационални тимови, работејќи на развивање работни планови и иновативни решенија поврзани со одржливо искористување на водена биомаса, со посебен фокус на примена на алги како функционални состојки во прехранбената индустрија.





