Во идејната реализација на проекцијата на костими за театарската претстава „Роденден“, по текст на нобеловецот Харолд Пинтер, а во режија на познатиот режисер Васил Христов-Вуси, учествуваа студентите од насоката Дизајн на текстил и облека, под менторство на проф. д-р Марија Ќертакова.
Проектот е интердисциплинарен и интегрира повеќе предмети кои студентите ги изучуваат во четирите учебни години: Костимографија, Моден проект, Модна илустрација, Историја на облека и дизајн, Моден дизајн, Психологија на облекување, Колекција, Современа уметност и дизајн, Социологија на мода, Дизајн на текстил и облека, Креирање на облека, Конструкција и моделирање на облека, Технологија за изработка на облека, Организација и менаџмент...
Она што беше интересно и што предизвика особено внимание од страна на студентите беше непосредниот контакт со сосема нова работна атмосфера – професионална театарска екипа (режисер, актери, техничка екипа), како и изучувањето на нови методи и практики при создавање на еден театарски костим. Исто така, интересен беше и неконвенционалниот пристап при проекција на претставата, во која публиката заедно со студентите партиципираше непосредно преку своето директно присуство на сцената.
Проектот е дел од програмата на Министерството за култура на Република Северна Македонија за 2023 година. За првпат е претставен во рамките на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип на 3 јуни 2023 г., а подоцна и на многу настани во повеќе градови низ Републиката, вклучувајќи го настапот во Младинскиот културен центар во Скопје во рамките на 48. издание на МОТ, одржан на 15 ноември 2023 г.
На актерот Даријан Петров за улогата на МекКен во „Роденден“ му е доделена специјална награда за млад актер, на 31. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ кое се одржа на 14 септември 2023 г. во Струмица. Според филмската критика наградата е доделена за актерски доследен пинтеровски израз во градењето на ликот на Меккен. Освен неспорниот талент на актерот, огромна улога во успешното доловување на ликот е препишана на успешно проектираниот театарски костим.
Проектот беше прекрасно и интересно искуство за нашите идни костимографи и модни дизајнери. Во прилог се поставени проектираните костими, презентирани на професионални фотографии снимени од страна на фотографот Александар Ефремов.