Студентите од четврта година при Технолошко-техничкиот факултет, УГД неодамна учествуваа со детска модна ревија на „Меѓународни денови на модата“ во Бугарија. Настанот беше организиран од факултетот за уметности при Југозападниот Универзитет ,,Неофит Рилски", Благоевград.
Детската есенска колекција беше изработена од страна на студентите на ТТФ со наслов ,,Кирилицата, магичниот мост на уметноста", а под менторство на проф. м-р Ванѓа Димитријева - Кузманоска, проф. д-р Соња Јордева, доц. д-р Силвана Жежова, доц. д-р Сашка Голомеова Лонгурова и проф. м-р Јордан Ефремов.
Колекцијата е составена од 12 модели на детски капути изработени од чоја, на кои беше претставена азбуката преку полнети перничиња. Оваа колекција е продолжение на колекцијата посветена на браќата Свети Кирил и Методиј, која студентите секоја година традиционално ја изработуваат и претставуваат на манифестација „Меѓународни денови на модата“, организирана од Технолошко -техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Детската колекција секоја година се изработува и подарува на децата без родители.
Соработката со Југозападниот Универзитет,,Неофит Рилски" од Благоевград, Технолошко-техничкиот факултет ја има остварено пред 5 години и секоја година таа се продлабочува преку учества на заеднички настани, студентска мобилност и мобилност на вработени преку Еразмус програмата и други проекти.