На 21 ноември 2021 г. во Музејот на природата и човекот во Ханти-Мансијск, Западен Сибир, беше отворена изложбата „Волшебната чипка на балканскиот филигран“, на која се претставени предмети од фондовите на Музејот за антропологија и етнографиja „Петар Велики” (Кунсткамера) на Руската академија на науките (Санкт Петербург), како и предмети од приватни колекции од Санкт Петербург.
На изложбата со изработки на реплики на детската влашка носија од штипскиот регион, преку истражуваните материјали на носии и покуќнина од традиционалните семејства на Власите, учествуваа професорката Ванѓа Димитријева-Кузманоска и студентите од Технолошко-техничкиот факултет.
Ова е заеднички проект на Музејот на природата и човекот и Музејот за антропологија и етнографија „Петар Велики“ и Руската академија на науки - Санкт Петербург, во кои активно ќе учествуваат и студентите и професорите од ТТФ при УГД.
Изложбата хармонично ги комбинира креативноста, историјата и колекцијата, раскажувајќи за скапоцените атрибути на традиционалната носија на балканските народи и многувековната традиција на изработка на накит, која е една од најважните занаетчиски дејности на урбаното население на Балканскиот Полуостров уште од времето на антиката.
Изложбата е реализирана од соработката на професорката Ванѓа Димитријева-Кузманоска и д-р Наталија Голант, научен истражувач во Музејот за антропологија и етнографија во Санкт Петербург во Русија, која истовремено е учесник и на проектите реализирани во Северна Македонија, кои ги организира професорката од Ликовната академија.
Изложбата беше отворена од директорот на Музејот на природа и човекот, Глеб Чечевин. Изложбата „Волшебната чипка на балканските филиграни“ ќе трае до 13 февруари 2022 г.
Инаку, Технолошко-техничкиот факултет има и други настапи со творештвото на студентите и професорите - по реализацијата на изложбата со изработки на староградски носии на студентите од ТТФ во Етнографскиот музеј во Белград, која се одржа од 22 до 24 октомври 2021 година, под менторство на професорката Ванѓа Димитријева-Кузманоска од Ликовната академија. Следуваат учества и на многу други домашни и странски изложби и конференции меѓу кои е и XXV годишна меѓународна научна конференција „Мода и дизајн“ – „Историско искуство и нови технологии” заедничка конференција на Рускиот музеј за етнографија и Државниот универзитет за индустриски технологии и дизајн во Санкт Петербург. Раководител на организацискиот одбор е Наталија Моисеевна-Калашникова, доктор по културни студии, раководител на Одделот за етнографија на Белорусија, Украина и Молдавија на Рускиот етнографски музеј.