Дигитална трансформација во модната индустрија – 3D МОДЕН ДИЗАЈН
Соработката помеѓу реалниот сектор и високообразовните институции бил секогаш повеќе од посакуван, тоа е синергија која раѓа долгорочни резултати и го менува начинот на живеење.
Соработката што постои помеѓу МК „Вера монд“ и УГД – Технолошко-технички факултет, Катедра за дизајн на текстил и облека, уште еднаш ни го потврди тоа преку реализација на проектот „Дигитализација на 3Д моден дизајн“.
Што претставува 3D дигитален моден дизајн?
Целта на 3D дигиталниот моден дизајн е развој на мода преку која се елиминира непотребното физичко производство на мостри и шаблони за да се добие саканиот резултат. Значајна придобивка од користењето на виртуелното дизајнирање и подготовка на производни налози е скратувањето на производниот процес. Преку дигиталниот моден дизајн производството на прототипови се намалува за 50%, се зголемува квалитетот, се скратува времето на развој, драматично се зголемува можноста за експериментирање со материјали, бои, форми, воедно создавајќи ново и подобрено искуство за купувачот.
Основа на дигиталната модна трансформација се:
- Напредна анализа на податоци;
- Лесна интеграција;
- Висока модуларност;
- Зголемена одржливост;
- Решение од крај до крај.
VM3D е новиот бренд на МК „Вера монд“ - Штип кој ќе вложи во младите дизајнери кои досега креираа и создаваа свои креативни дела под менторство на доцент д-р Сања Ристески преку реализација на обука за 3D моден дизајн отворајќи им го патот кон глобалниот пазар на напредната дигитална модна индустрија. На овој начин дизајнот веќе добива друга димензија, а за студентите на насоката за дизајн на текстил и облека е еден огромен предизвик во насока на нивната креативност. Со студентите како дел од тимот ќе биде и доцент д-р Сашка Голомеова-Лонгурова, која ќе се вклучи во целокупниот креативен и технолошки процес.