„Размислуваа прво за дизајнот на маските, конструкцијата, бараа ’совршен крој’, истражуваа... сфатија дека би сакале со маската да пренесат и порака, па така одлучивме секој студент да напише порака на лист хартија, но не која било, туку онаа што го мотивирала низ целиот овој процес на креација“, вели професорката Сања Ристески.

Спонтана идеја на студентите на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, заедно со нивната професорка Сања Ристески, се претвори во 80-ина креативни заштитни маски. Во период од два месеца, 23 студенти од втора и од трета година на насоките Дизајн на текстил и облека и Технологија на текстил и облека, како и студент на вториот циклус студии на насоката Индустриски дизајн на текстил, својата инспирација ја претворија во модерен и особено корисен производ со оглед на ситуацијата со пандемијата на ковид-19. Маските ќе им бидат донирани на вработените во службите на Универзитетот. Студентите ги кроеја, шиеја, везеа и украсуваа маските во домашни услови. Исто така, секој студент направи и дизајн на пакувањето на маските. Идејата е тие да им бидат донирани на вработените во сите служби на Универзитетот, кои во овие тешки моменти на пандемијата на ковид-19, работејќи во функција на студентите, беа изложени на висок ризик од заболување.

Професорката Ристески објаснува дека маските ги изработиле како проектна задача по предметите Креирање на текстил и облека, Конструкција на облека и Моделирање на облека.

„Секое наше онлајн-предавање се завршуваше со зборовите: Чувајте се! Останете дома! Останете на сигурно! Без паника... Сè ќе биде добро! А при секое наше следно онлајн-вклучување се прашувавме како сме. Несвесно сфативме дека пандемијата нѐ зближи, направи да мислиме едни на други и едни за други. Велат дека секоја криза во каква било форма може да биде позитивна, те буди, те тера да размислуваш и да најдеш начин да ги промениш работите на подобро, прво за себе, а со тоа и за другите, па така се фокусиравме на креативноста, зборовите кои си ги упатувавме едни на други решивме да ги зачуваме за подолго... да ги вметнеме во една колекција на заштитни маски. Така почна целиот креативен процес во кој онлајн-часовите ги претворивме во една креативна работилница во која секој се фокусираше да го даде најдоброто од себе“, вели Ристески. „Во вонредни услови, кога не смееш да излегуваш од дома, во услови на неколкудневен полициски час и затворени продавници, студентите, помагајќи си едни на други во реализацијата на заштитните маски, креативно се градеа, а времето потрошено на истражување за да се добие солиден конструкциски крој на заштитна маска, која освен основната (функционална/заштитна) улога ќе има и уникатен дизајн, за нив беше повеќе од предизвик. Секој студент беше и дизајнер и инженер истовремено, што за мене како нивни професор беше најважна цел да ја постигнам - да успеат да го контролираат сопствениот креативен порив будејќи го инженерот во себе кој ќе каже: ДА, тоа може! или НЕ тоа е само креативна ’лудост’ без можност за конструкциска реализација! - Идејата беше позитивно прифатена. На сите нас на некој начин ни недостигаа интерактивните стручни вежби, ни фалеше и креативноста која се раѓаше на часовите, кога од една обична идеја знаеше да се роди цела приказна, која пак водеше до реализација на модни ревии и изложби. Но, ете ситуацијата беше таква што да мораме да работиме на далечина, првпат досега“, вели Ристески.

Дали биле одбрани најдобрите маски? Професорката вели дека зад секоја маска стоела по една приказна, а секоја приказна е со своја убавина.

„Дали е најинтересен начинот како е набавен материјалот или колку пати убодите од конци се распарани и повторно прошиени или, пак, непроспиените ноќи зашто машината го уништила материјалот на кој претходно бил направен украсен вез, секоја маска има своја заднина, свое минато кое не ми дозволува да ги одделам едни од други, за мене сите се на свој начин интересни и убави, а како целина раскажуваат една убава приказна за креативноста на една млада група студенти кои моментите на пандемија ги искористија креативно да творат, да создаваат и несебично да подаруваат. Доста рачна работа, везови и апликации се вклучени во заштитните маски, совладани техники на везење и самостојно шиење - сето тоа е проткаено во секоја една маска, а тоа што секој студент го вложи максималниот свој потенцијал во изработката на заштитните маски, за мене како нивни професор е најголема гордост. Затоа, можеби и не би можела да дадам одговор на прашањето кои се најинтересните маски“, вели професорката.

Професорката Ристески се внесува максимално во секој проект што го работи со нив и се труди максимално да ги поддржи во секоја креативна идеја, бидејќи колку повеќе креативно творат, толку се покреативни и секој проект раѓа нов, зашто така созреваат и како луѓе и како дизајнери.
„Најмногу ме импресионира тоа што се трудеа да го обезбедат сето она што им беше потребно за работа, иако условите беа вонредни. Ме радуваше секоја нивна нова идеја, секоја порака со испратена содржина: ’Професорке, ова вака добро е? Како сега да го направам ова? Дали сметате дека вака би било подобро?’ Се радував бидејќи знаев дека немирот и желбата да создадат нивно уникатно дизајнерско решение не им даваше мир, а тоа е вистинскиот пат кон интелектуалното созревање. Размислуваа прво за дизајнот на маските, конструкцијата, бараа совршен крој, истражуваа... сфатија дека би сакале со маската да пренесат и порака“.
Насмевката на луѓето е инспирација за студентката Ана Стоименова, која е студентка на Технолошко-техничкиот факултет во Штип. Таа вели дека првпат искусила ваков интересен проект што ја прави задоволна и среќна истовремено.

„Идејата да креираме заштитни маски кои потоа ќе ги донираме навистина беше огромен предизвик за мене. Никој не веруваше што може да ни донесе времето, па така и сами не размислувавме дека ќе бидеме затворени дома поради вирусот. Мене како инспирација ми послужи насмевката на луѓето. Бидејќи насмевката секогаш доаѓа на прво место, без разлика колку и да е алармантна ситуацијата во којашто живееме, насмевката е лек за сè. Па таква беше и една од моите маски на која рачно е извезен вез на насмевка. Светот изгледа посветол кога ќе се насмееме. Да споделиме добрина и радост, да им дадеме надеж и на другите и да насмевнеме нечие лице беше мојата порака што сакав да ја споделам и пренесам. Со овој проект сите ние како студенти научивме една важна работа – да си помагаме едни на други, бидејќи од сите нас зависи каков ќе биде светот во кој живееме, дали тажен или весел, убав или тмурен... сепак, нека е со насмевка“, вели Ана.

За студентката Маријана Богојеска подготвувањето на проектот за заштитните маски бил огромен предизвик како студент по дизајн, бидејќи првпат се соочувала со посериозен проект.

„Во недостиг на заштитни маски за лице, ние како студенти по дизајн пронајдовме креативен начин за нивна изработка. Тие, пред сè, ќе бидат наменети за заштита, но истовремено ќе претставуваат и моден додаток. Кога веќе морате да носите заштитна маска, тогаш зошто да не изгледате модерно и фенси. Јас изработив повеќе двослојни заштитни маски, од лесен памучен материјал, и ги декорирав со мониста, тантела, украсен конец, украсна лента и др. Дел од нив се наменети за женската популација и дел за машката. Изработени се внимателно и со многу љубов. Заштитни и модерни!“

Превземено од : www.fakulteti.mk

Технички секретар

Елвира Павлова
Тел: +389 32 550 900
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

 

Студентски прашања

Штип
Валентина Давчева
тел:+389 32 550 064
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Пробиштип - Елвира Павлова 
Тел: +389 32 550 900
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

 

Секретар

Марјан Ристов

Тел: +389 32 550 182

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.