Технолошко-техничкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ и годинава ја одржува изложбата Денови на модата, овојпат насловена „Модата – виножитото на град Штип“.
- Овие Денови на модата и моделите кои се изработени и изложени овде се само уште еден поттик за Штип како град на текстилот и модата. На овој начин им даваме поттик на нашите студенти, како и на сите креативци кои се занимаваат со мода и дизајн навистина боите на виножитото на градот Штип да ги комплетираме заедно. Ние како професори на ТТФ при УГД не само преку наставната програма, туку и преку организирање на летни школи, во кои младите талентирани деца добиваат база и поддршка, а со тоа во иднина, овие Денови на модата да прераснат во една поголема традиција на градот Штип, бидејќи ова на Штип му е темел кој некој само треба да го одржува – изјави проф. Ванѓа Димитриева-Кузмановска од Технолошко-техничкиот факултет.
Преку оваа изложба продолжува и соработката со Техничкиот универзитет во Софија и професори од овој универзитет учествуваат на оваа изложба. На крајот од октомври студенти од ТТФ ќе учествуваат со своја модна ревија и изложба на настан кој се организира на Универзитетот „Неофит Рилски“ во Софија. Изложбата се организира и со поддршка од Министерството за култура на РСМ.
Изложбата „Модата – виножитото на град Штип“ беше организирана и отворена заедно со изложбата на Биеналното студио на цртеж, кое по десетгодишна пауза е обновено од страна на Центарот за култура и Комисијата за култура на Општина Штип.