Студентите од студиската програма Прехранбена технологија при Технолошко-техничкиот факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, реализираа стручна посета на Млинот „Жито алтан“ во Скопје.
Во рамки на посетата, студентите имаа можност детално да се запознаат со целокупниот технолошки процес - од прием и складирање на житото, негово чистење, кондиционирање и мелење, па сѐ до добивање на различни типови брашно и нуспроизводи.

Особено внимание беше посветено на современата млинарска опрема и лабораториските анализи, каде што се следат клучните параметри на квалитет на житото и брашното, како што се содржината на влага, пепел, протеини, реолошките својства и др.
Технолошко-техничкиот факултет изразува благодарност до тимот на „Жито алтан“ за професионалниот прием и стручната соработка.

