Во периодот од 18 до 22 мај 2026 година, на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип се одржа меѓународната Flavor School за студенти од универзитетите членки на ACE²-EU, на тема:
„Fast Fashion Waste and Cultural Resilience: Rebuilding Sustainable Lifestyles in Times of Global Crisis“.
Настанот обедини студенти, професори и експерти од различни земји, кои преку интерактивни предавања, практични работилници и дискусии разменија знаења и искуства поврзани со одржливата мода, текстилниот отпад и улогата на културното наследство во создавање поодржлива иднина.
Во рамки на програмата беа обработени повеќе актуелни теми, меѓу кои:
- влијанието на fast fashion индустријата врз животната средина и општеството;
- можностите за повторна употреба и рециклирање на текстилен отпад;
- улогата на текстилот во услови на глобални кризи;
- значењето на традиционалните текстилни техники.
Студентите активно учествуваа во развој на креативни идеи и дискусии за иновативни и етички пристапи во модата и дизајнот. Преку програмата особено се поттикнуваа интеркултурната соработка, критичкото размислување и размената на знаења и искуства помеѓу студентите и академскиот кадар.
Во реализацијата на програмата учествуваше професорката Maria Izabel Castro Diaz од Universidad Francisco de Vitoria, како и професорките од Технолошко-техничкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип: Силвана Жежова, Сања Ристески, Сашка Голомеова Лонгурова и Соња Јордева.
Им благодариме на сите учесници, партнери и соработници за нивниот придонес, посветеност и ентузијазам. Веруваме дека стекнатите знаења, искуства и создадените пријателства ќе претставуваат поттик за нови иницијативи во областа на одржливиот развој и циркуларната економија.


